Југослав Петровски. Елешник ЛИЦА: МИЛКА СТЕФАН - момче СТЕФАН - старец (Се работи за ист човек, лик. Потребни се двајца актери) ЈАНКО ТРЕНА ТРЕНА - курва (Се работи за иста жена, лик. Една актерка) КУСИ РУДАР МЕДИЦИНСКА СЕСТРА ДВЕ ЖЕНИ ДЕЦА ПРОЛОГ СОНОТ НА МИЛКА Таа вечер дуваше Елешник. Дента Милка го доби првото лицитарско срце од мажот ѝ Стефан, заминат на печалба. На сцената се наоѓа големо лицитарско срце, полегнато на под. Врз огледалото од срцето се наоѓа рибарски чун. Во чунот се наоѓа Стефан-Момче и Стефан-Старец, меѓу нив во чунот се наоѓа рибарска мрежа. Стефан-Момче (25 г.) гол е, убаво мускулесто испотено тело при напон - енергично весла. Полн е со живот, надеж и желба. Стефан-Старец (52 г.) во инвалидска количка, облечен е во излижан мантил и бел каубојски шешир, под мантилот има рударска униформа, во прегратка грчевито држи стар куфер. Мошне му е студено, целиот е стуткан, личи повеќе на сениште отколку на човек – жив, а мртов. Дува Елешник, ветерот дува наспроти нив. Ветерот носи навеви магла и порој. ЕЛЕШНИК: Ветер кој дува на Охридско Езеро, велат зол ветер - носи дожд, невреме, магла, го бранува езерото и има зол коб. ЕЛЕШНИК: (Низ навеви, со паузи) Луѓето ме викаат Елешник. Јас сум зло, зол ветер! Нема душа, во таа дупка се насобрало црна тешка магла, лоши поројни дождови и студ што пие коскена срж... Сушам младо и зелено, крадам сиромаштија од сиромашните, чунови глодам рибарски, а мрежите им ги оставам бесплодни, ако пак на езеро некој пречек ми прави жив нема земја да допре, врескам низ пустите улици, тркалам пепел празнина, чини познавам како да умре утробата, та ако жена целивам таа довек ќе раѓа месо трулежно. На година еднаш доаѓам и на година курбан земам, млада мома од чесна најчесна и од убава најубава, ја носам со себе во дом мој далечен, среде гладна пустина од гол камен, таа таму ми слугува, таму ја обљубувам, ја земам, и ја земам, ја земам... Година, до година ја враќам при татко и мајка, некои полудуваат, некои стануваат добри курви, некои не преживуваат... Луѓето велат зло сум, а јас сум само роб, нејзин роб, на зло робувам од љубов, а злото е зло оти беше добрина... А луѓето: Луѓето се плашат, луѓето постојано се плашат, погледни ги, толку се куси, куси како и животот нивен. Кога дувам ги покриваат огледалата со црни шамии, но секогаш наоѓам голи заборавени огледала и ги парчосувам, секому од домот по парче, по парче, кому парче долга болест, кому парче смрт. Раздавам, како да раздавам за нечија душа, за моја душа, за нејзина душа, за нашите души умрени таму длабоко во времето заборавено... Никој од вас луѓето не го помни тоа време, можеби вашава кратковечност ве прави слепи, а сепак слепите го земаат мечот и сакаат да судат; пресудуваат; ме осудивте и рековте: Зло е! Тогаш зло сум! Секој може да ја почувствува само својата болка и вели ме боли, и сака да заборави, а колку повеќе сака толку повеќе се сеќава... ЈУДА ОХРИДСКА (ОФФ): Бог да го бие, мамо, момчето Момчето, мамо, прво на печалба што тргна, никогаш, мамо, рај да не види... ЕЛЕШНИК: Се сеќавам на тоа време, тогаш луѓето ме викаа Милозвук; мевлем ветер. Дента целиот град се собра на брегот, момчето влезе во чун со едра и го засече езерото, прво на печалба што тргна... Луѓето збунети го прашуваа, а тој постојано одговараше: Ќе се вратам богат! А таа, таа, не плачеше, не колнеше, не рече ни збогум, едноставно чекаше, чекаше да се врати тој што заминуваше... Беше ден по недела. Недела ден за свадба, цел ден се обидував да ѝ го видам лицето скриено зад седумте невестински вела; не успеав да ја видам како девојка, ја видов жена, жена што чека на оној што треба да се врати богат... Се вљубив, а љубовта ропство е за оној што знае да љуби, од тогаш роб сум, и робувам... Луѓето се исплашија и избегаа. Таа остана да чека, ден, два, година. Година; првата година клекнав пред неа и ѝ реков: Те љубам! Носев со себе миризба од ретко билје кое расте врз портите на градот подводен каде рибите доаѓаат да умрат од љубов. А таа, таа чекаше, го чекаше оној што богат треба да се врати, тој што богат ќе биде, тој што нема да се врати... (Стефан-Момче се напрега да чуе, како да ја слуша приказната, весла. Стефан-Старец, од внатрешниот џеб на мантилот вади транзистор, го вклучува - кантри музика, максимално силно; со тоа се прекинува приказната) ДЕЦА Сцена 1 Мал песочен езерски брег. Сонце. Брегот е опкружен со низ на куќи (во стар охридски стил). На брегот се наоѓаат две бесплодни исушени јаболкници, меѓу дрвјата е распнато јаже за сушење алишта. Крај едното од дрвјата се наоѓа голем дрвен ковчег за чување алишта, капакот на ковчегот е отворен. Напред кон езерото се наоѓа дрвено столче, а крај него стои грубо изработена дрвена лулка. На брегот се наоѓа Милка (41 г.) - но убава, млада; како да има 17 години; како да останала во денот кога Стефан заминал на печалба. Околу Милка, на брегот, се наоѓаат голем број деца - на различна возраст. Милка со голем нож мачка кришки леб со мед од тегла; кришките ги дели на насобраните деца. Милка е среќнa. Децата се весели, разиграни, јадат и си играат со неколку лицитарски срца: Се огледуваат, насочуваат сончеви зраци, ги кријат и сл. Одеднаш почнува да дува Елешник; сонцето нагло го снемува; пороен дожд. ЕДНО ОД ДЕЦАТА: Елешник! (Од околните куќи почнуваат да се слушаат женски гласови; мајките си ги викаат децата дома (Офф)) ЖЕНСКИ ГЛАСОВИ (ОФФ) Тихо! Мена! Борис! Борис! Тихо! Бојан! Тихо! Борис! Весна! Бојана!, Мена! Јано! Тихо! Борис! Паун! Паун! Весна! Паун!... ... ... (Децата трчајќи си одат дома. Излегуваат на различни страни од сцената. Кога ќе започнат да си одат децата, Милка ја обзема паника, страв, оди од едно дете до друго и се обидува да ги задржи - ги допира, ги спаструва, ги милува, ги бакнува... Откако ќе си заминат децата по песокот стануваат расфрлани лицитарските срца. Милка, сама, набрзина ги собира срцата и ги става во отворениот сандак. Го затвора сандакот. Откако ќе ги спастри срцата во ковчегот. Полека оди напред и седнува на столчето крај лулката. Гледа кон езерото; механички, со една рака ја лула лулката. Елешникот засилува; силен порој) МИЛКА: (Пее) ... Како ќе минеш, лудо езеро езеро, лудо, Елешник ако дува!? Како ќе минеш, лудо, Галичица Галичица, лудо, пуна арнаути?! Како ќе минеш, лудо, Черкез село Черкез село, лудо, пуно черкези?! Како ќе стасаш, лудо, Америка Америка, лудо, земја колнета!?... ЛИФТ Сцена 2 Железен рударски лифт, лифтот се движи од под земја нагоре; како да излегува од бездна. Во лифтот се наоѓа Стефан-Момче (28 г.); сè уште млад и силен; облечен е во рударска униформа; крај нозете му стои куферот од прологот. Стефан-Момче во рацете држи лицитарско срце, го пакува за во пошта. Лифтот ненадејно се стресува и запира, се исклучува главното светло, се вклучува аларм и помошно светло кое трепка. Од длабочината на рударската дупка се слуша глас; глас на Стефан-Старец (ОФФ). ГЛАС ОД БЕЗДНА (ОФФ): Си одиш дома?! (Стефан-Момче панично се врти околу себе, не може да види никого) ГЛАС ОД БЕЗДНА (ОФФ): Си одиш дома?! СТЕФАН: Пак ти?! ГЛАС ОД БЕЗДНА (ОФФ): Си одиш дома?! СТЕФАН: Покажи се! Кој си?! ГЛАС ОД БЕЗДНА (ОФФ): Си одиш дома?! СТЕФАН: Да! Си одам! Си одам идниот месец! ГЛАС ОД БЕЗДНА (ОФФ): Си одиш?! СТЕФАН: Си одам!!! ГЛАС ОД БЕЗДНА (ОФФ): (Сè повештачки, побрзо, лигаво) Си одиш дома... Си одиш дома... Си одиш дома... (Стефан-Момче е во целосна паника: хистеричен) СТЕФАН: Лицето!!! Да ти го видам лицето!!! ГЛАС ОД БЕЗДНА (ОФФ): Си одиш дома... Си одиш дома.. Си одиш дома... (Стефан-Момче, испуштајќи го лицитарското срце од раце, ги затвора ушите, паѓа на коленици, го забива лицето во решетките од лифтот. Целиот се тресе) ГЛАС ОД БЕЗДНА (ОФФ): Си одиш дома... Си одиш дома... Си одиш дома... (Гласот полека се губи, како да потонува во бездна. Со губењето на гласот, зад грб на Стефан-Момче, влегува Куси. - Млад, а стар. Газда на рударската кафана „Пуси-кет“. Куц е на една нога, при движење користи штака; на лицето има јасно видлива лузна; наглув е, зборува гласно, но секогаш е лигаво љубезен. Секогаш неприродно насмеан, секогаш слуга покорен. Стефан-Момче е во иста состојба и положба. Куси, движејќи се брзо и претпазливо, поминува крај Стефан не забележувајќи го, го одминува, го забележува лицитарското срце кое лежи на подот, се враќа чекор два, гледа лево, десно, се наведнува и го зема срцето дури тогаш го забележува Стефан; во тој миг, нагло, со срцето во рака, се крева и се трга назад. Тоа го забележува Стефан, срипува и го зграпчува Куси) СТЕФАН: Ти?! КУСИ: Ја барам жена ми, господине... Избега, пак... (Стефан го отпушта малку. Но сè уште е возбуден) СТЕФАН: Слушаш?! КУСИ: Не слушам добро, знаеш, од експлозијата, треба да ме оперираат... (Стефан го остава Куси, се свртува на друга страна) КУСИ: (Го подава лицитарското срце) Ова е ваше... СТЕФАН: Добро е, не е скршено... ЛУЃЕ И КУКЛИ Сцена 3 Зајдисонце. Брегот. Двете дрвја; меѓу нив јаже. Ковчег. На столчето, крај лулката, напред кон езерото, седи Милка меѓу нозете држи огромна јагула, ѝ ја чисти изнутрицата; фустанот ѝ е задигнат и собран меѓу нозе, нозете ѝ се разголени. Кај Милка, при чистењето на јагулата постепено посилно се чита силна возбуда, сексуално задоволство; како во неа да се случува нешто диво; слобода на скриени чувства. Крај неа се наоѓа Јанко (20 г.) - Силно, физичко здраво момче, со силно изразена психичка незрелост, заостанатост; дете-маж. При комуникација се користи со панична гестикулација и притоа испушта неартикулирани гласови. Јанко клечи и без да трепне гледа во Милка: верно куче; се насмевнува и широко замавнувајќи плеска со рацете, како сам себе да се наградува со аплауз, запира и гледа кон Милка. Бара нешто од неа. Милка не го погледнува, занесено ја чисти рибата. Јанко пак ракоплеска, запира за миг, упорно продолжува со ракоплескањето. МИЛКА: Чекај! (Јанко упорно ракоплеска) МИЛКА: Јанко! Ме лутиш! Чекај да завршам! (Јанко како мало дете кога се лути продолжува) МИЛКА: Нема да ти го покажам... (Јанко продолжува) МИЛКА: Јанко, ако не запреш, нема да ги видиш, ни денес, ни утре, цела недела. (Јанко продолжува, засилено, максимално. Милка станува од столчето, ја фрла јагулата во лулката, цврсто зачекорува кон Јанко, го гледа во очи. Јанко нагло запира со ракоплескањето, на коленици полека се повлекува на назад. Милка застанува пред Јанко, го гледа, Јанко е заледен. Милка нагло ја раскопчува кошулата и ги разголува градите) МИЛКА: И?! Што?! Еве ти! (Јанко сака да избега, Милка го турнува со нога и со истата нога му застанува на стомакот, го гледа. Јанко е исплашен) МИЛКА: Што сега!? Да те подојам?! А! Сакаш да те подојам?! (Се слуша песна и свирење на тамбура. На тој звук Милка се штрекнува, веднаш ги покрива градите, целосно се менува - станува наивна, невина, срамежлива. Јанко во ист миг бега, излегува од сцената) ТРЕНА: (Пее и свири; ОФФ) Дај ми божје, једна ситна роса да навадам мој зелено борче. Да порасне големо, високо, да рашири гранки на широко, да се качам горе на гранките, да разгледам земја преку вода. Да го видам мојто верно либе Дали спије или вино пије? Дали љуби друго освен мене? Ако спије лека ноќ нек’ му је. Ако пије на здравје нек’ му је ако љуби просто да не му е. (Милка веднаш седнува на столчето, возбудена е, тешко дише, како со страв го наслушува гласот кој и доаѓа од зад грб, не се свртува. По извесно време на сцената влегува Трена (50 г.) - Облечена е како момче; во турска народна носија, на глава има фес, свири на тамбура. Зад неа оди стар голем пес, песот влече количка (рачките од количката се прицврстени со каиш за телото на песот), количката всушност претставува мала сцена во елизабетански стил; сцена за куклен театар. На сцена закачени висат неколку кукли (марионети): Јуда Охридска - Девојка - Старица; во невестинско, со долга бела коса. Принц-Ветер Елешник; млад убавец. Крал Скендерски -старец. Некогаш момче, љубов (маж) на девојката. Трена приоѓа кон Милка. Трена од пазувите вади лицитарско срце и го става на колениците на Милка; Милка гледа кон езерото, не се свртува. Трена оди кон сцената со куклите) МИЛКА: Ќе се врати?! ТРЕНА: Скршено е... (Милка срипува од столчето и приоѓа кон Трена) МИЛКА: Можеби сум неверна?! (Трена ја зема куклата Јуда Охридска и ѝ ја подава на Милка. Милка ја зема куклата, Трена ја земеа куклата Елешник. Трена ја анимира куклата) ТРЕНА-ЕЛЕШНИК: Го видов! Неверник гази земја неверна! Љубов со злато мери на кантар. Кај со рака ќе допре драго камење се рони, а камен е само камен, без душа. А рацете нејзини празно празнуваат и се молат, празно. Како да ѝ кажам?! Помина уште година и дојдов при неа по втор пат... Од љубов излудев; клечев и молев, гризев земја и очите со песок ги труев да не гледаат, како дете родено без ум, како бесно куче... Не знаев како да ѝ кажам?! Ѝ донесов понади: Од Стамбола гурабије, од Солуна леблебије, од Искипа бадем шеќер... Но не можев да ѝ кажам. И ветерот знае за љубов и од љубов знае да болува... МИЛКА-ЈУДА: На збогување рече: Пред Бога споени, од Бога само разделени, до гроб верни. Дума неверна гроб да копаше секое весло од тука па до земја Скендерија гроб ќе беше. Но тогаш верував во таа клетва, со неа заспиваа и со неа утрото го дочекав. На секој шум му велев: Добро ми дошол домаќине! Две години се сторија и дојде; дојде другиот... Ветрот донесе од Стамбола гурабие, од Солуна леблебија, од Искипа бадем шеќер; клечеше и молеше, колнеше, со песок очите си ги труеше, и велеше дека љуби како дете без ум родено. Се исплашив од тоа лудило, ѓавол мислев во оган ме мами. Љубов? Кога мажот ми прв и последен пат ме зема ми ја покрива главата со черга, не смеев да го гледам, не смеев да го допрам и мислев тоа е љубов. Со утрото замина... ТРЕНА-ЕЛЕШНИК: Те љубам! МИЛКА-ЈУДА: На ѓавол опашка! ТРЕНА-ЕЛЕШНИК: Јас љубев, ќе докажам! МИЛКА-ЈУДА: Мажена сум! ТРЕНА-ЕЛЕШНИК: Тој со друга жена деца коти. МИЛКА-ЈУДА: Сонував, ќе се врати. Ќе ми донесе свилена шамија, на шамијата монистри драго камење; фустан и ѓердани, многу пари, на внуците внуци да имаат, и уште да арчат, да им претекнува. Ќе имаме машко дете во лулка од злато, детето ќе го дарува со грош голем како машка шака. Куќа со три огништа, ќе имаме многу стока и многу среќа. Ќе ме љуби саноќ на месечина. ТРЕНА-ЕЛЕШНИК: Колни! Колни! Кажи клетва моминска! Триста чуми и триста живи рани. Во очите слепило! Во главата лудило! Колни, за да видиш чие срце гнило јајце грее!!! МИЛКА-ЈУДА: Пред Бога споени, од Бога само разделени, до гроб верни! ТРЕНА-ЕЛЕШНИК: Со љубов ќе доаѓам на година еднаш, секоја година питач, ќе питам љубов од тебе. Јас да љубам друга не можам, со болка болка ќе лекувам... Имам брат, крал на рибите е, лесно лика ќе му познаеш; пастрмка од десет оки, во левото око му сјае црн бисер. Викни го, тука ќе е. Тој ќе те однесе во таа земја отаде вода, за да го видиш либето до гроб што ти е верно, како царува со сета земја скендерска, до него царица на стариот цар ќерка, машко дете во лулка, а второ на гради и спие. Стариот цар од среќа по цел ден песни пее за дамашни некои војни. Би се рекло среќен дом, од Бога благословен и чуван. МИЛКА-ЈУДА: Лажлив ветер. (Трена запира со анимирање) ТРЕНА: Си ја слушнала Јудата како пее? (Милка ја зема куклата што ја анимираше како бебе во прегратка) МИЛКА: Баба ми секогаш кога ја кажуваше приказнава велеше дека таа мома е од наш род, велат живеела во старата куќа крај езерото... А ти ја имаш слушано како пее? (Трена ја закачува куклата - Елешник на сцената, го поведува песот, тргнува кон излезот на сцената) МИЛКА: Куклата? ТРЕНА: Имај ја, ти треба дете, донеси ја на претставата. (Милка оди кон лулката, сака да ја стави куклата внатре, ја здогледува јагулата, со една рака ја зема јагулата, а во друга ја држи куклата, не знае што да стори. Милка и Трена нагло се сепнуваат и погледнуваат кон езерото. (Пауза) МИЛКА: Ја слушаш? Пее. (Пауза) ТРЕНА: Тој ќе се врати. МИЛКА: Скршено е. ТРЕНА: Можеби си неверна? (Трена оди кон излезот) МИЛКА: Како се викаш? ТРЕНА: Трена. (Трена излегува. Милка од сандакот вади невестинска и младоженска облека и ги простира) ЛИФТ Сцена 4 Железниот рударски лифт. Во лифтот се наоѓа кафеанска маса. Крај масата седат: Стефан-Момче (30 г.) сè уште и силен и млад; по малку без надеж. Крај него, стои куферот, на масата се наоѓа лицитарско срце. Наспроти Стефан седи Рударот - млад и снажен Индијанец, облечен исто така во рударска униформа, на главата носи бел каубојски шешир (од Прологот). Стефан и Рударот се туркаат на рака; двајцата се максимално напнати. При тоа пијат виски од големи чаши; пијат многу. СТЕФАН: Како се вика? РУДАР: Трена. СТЕФАН: Жена му е? РУДАР: Да, ја купил таму некаде од вашите планини, му ја донесоа невина, но немаше доволно пари да им плати па им ја даде, три дена да ѝ прават што сакаат... СТЕФАН: И сега му е жена? РУДАР: Стефан?! Жена е жена, а бизнис е бизнис. Нему и онака не му се дига по несреќата. СТЕФАН: Колку време е тука? РУДАР: Веќе ја има изебано цела смена, која како, повеќето по три четири пати... Стефан, треба почесто да доаѓаш во „Пуси Кет“. СТЕФАН: Жена му е? РУДАР: (Вика) Куси!!! (Во лифтот се појавува Куси, се движи со штака, во рака држи шише виски, максимално љубезно приоѓа кон нив) РУДАР: Куси, сакам да ја ебам жена ти, слободно е? КУСИ: Се извинувам господине, ќе биде слободна за неполн час, ќе морате малку да причекате. РУДАР: Дај ѝ пола час пауза, нека се истушира и нека стави пудра. Ќе платам и за тоа. КУСИ: По ваша желба... (Куси ги дополнува чашите со виски, го остава шишето на маса, го зема лицитарското срце и сака да тргне кон излезот. Стефан со слободната рака го задржува за раката во која го држи лицитарското срце. Стефан остро го погледнува Куси) КУСИ: Господине, малиот го праќам во пошта, па мислев ако сакате... инаку извинете, мислев... наскоро ќе затворат... (Стефан му ја пушта раката) КУСИ: Уживајте господа... (Куси со срцето во рака излегува) РУДАР: Си одиш дома? СТЕФАН: Идниот месец. РУДАР: Пак? СТЕФАН: Сега ќе заминам. РУДАР: Зошто сакаш да си одиш дома? СТЕФАН: Спечалив... РУДАР: Си спечалил?! Што?! Си бил во Дизниленд? Си возел кадилак од Аљаска од Мексико и за цело време да ти пуши црнкиња која снимала реклама за каладонт? Си спиел ли со травестит? Си ебел ли глумица која снимала неуспешна пилот-серија за телевизија? Си пиел ли малибу на Мајами бич? Си шмркал ли кокаин со малолетнички со голи набабрени цицки, додека те чуваат триста федерални полицајци? Си пушел ли кур за чек од пола милион долари? Си ја видел ли пичката на кипот на слободата? Што имаш правено овие пет години во Америка?! А Стефан?! Не си бил ни во обичен пип шоу! А Стефан?! Си копал! Ти поминале пет години двестапедесет метри под земја, двестапедесет метри далеку од животот! Си ги растопувал смрзнатите чорапи на радијатор. Си јадел кучешки плескавици во кантина и си го дркал, и тоа само во недела, оти другите денови си бил премногу уморен и за тоа! Сакаш дома!? И што со тоа Стефан?! Што има дома?!... СТЕФАН: Жена... РУДАР: Имам три: две во Канада и една во Сиетл; жени... Погледни околу себе ги има на стотици, на илјади и сите се исти, ни една не гледа подалеку од коренот на курот, до тука, тоа натаму не им е битно, мажите ги делат на долги, задоволувачки, мали и безнадежни. Важно им е само да имаат некакво месо во торбата, ако има тогаш е добро, кога нема стануваат гладни, бесни, почнуваат да се бават со политика... СТЕФАН: Невина е... РУДАР: Што?! СТЕФАН. Заминав дента по свадбата. Првата брачна ноќ и двајцата горевме од желба, малку фалеше да изгори сè и постелата, и куќата, и градот... Не сакав да водиме љубов; сакам да знам дали сум се оженил со чесна жена. Луѓето се злобни и секогаш лажат... Сакам да знам; сакам да ја најдам невина. РУДАР: Тоа е болно! Перверзно! Каков живот живеете вие?! Не ти верувам Стефан! СТЕФАН: Ако е невина, ѝ реков жива да не ме чека, срцето што ќе ѝ го пратам да го искрши и да го остави на брегот, ако сепак чека ќе го купам најшугавото магаре во околината, ќе ја врзам да го јава наопаку, косата ќе ѝ ја истрижам, а во рака ќе ѝ ставам кочан од зелка, ќе му дадам кеса бомбони на улавиот Јанко за да го води магарето низ градот, мажите ќе ја плукаат а жените ќе си ги кријат ќерките за да не им се сретнат очите за да не ги префати... РУДАР: Перверзно! СТЕФАН: Чест... РУДАР: Нема да те чека. СТЕФАН: И јас чекам; ќе чека. РУДАР: Невин си? (Пауза) И ти си невин! Колку е тоа настрано. Колку би сакал да ве ебам и двајцата! (Стефан максимално се напнува и му ја турка раката на Рударот, станува од столчето, го зема куферот и сака да излезе) РУДАР: Чекај! (Стефан запира. Рударот станува и му приоѓа на Стефан, го вади белиот шешир од глава и му го става на Стефан) РУДАР: Твој е. СТЕФАН. Си убил човек за него. РУДАР: Твој е. (Рударот ја полни празната чаша на Стефан со виски, му ја дава чашата. Стефан пие со сила, ја испива. Рударот повторно ја полни чашата. Стефан одмавнува со глава. Рударот го тера да ја испие и оваа чаша) РУДАР: Куси!!! (Втрчува Куси) КУСИ: Повелете господа. РУДАР: Избркај сè од кај Трена, Стефан сака да ја ебе. Ќе платам! (Стефан одмавнува со глава) КУСИ: За десет минути, господине... РУДАР: Реков веднаш! КУСИ: Како што милувате, господине. (Куси го зема Стефан под рака и го поведува кон излезот. Стефан благо се противи) РУДАР: Чекај! (Рударот полни уште една чаша и го натерува Стефан да ја испие) РУДАР: Може! (Куси го поведува кон излезот држејќи го под рака) КУСИ: (Тивко кон Стефан) Ако ми дозволиш да гледам може да ѝ свршиш во уста... ќе ве ладам со лист од палма! (На Стефан му се слошува. Се оттргнува од Куси, ја забива главата во решетките од лифтот; повраќа) СОНОТ НА МИЛКА Сцена 5 Триејќи го ќебето меѓу нозе, заспа среќна. Огромното лицитарско срце сега стои исправено, со лицето кон публиката, целото е опкружено со разнобојни сијалички - лични на евтин декор во стриптиз-бар. На барска столица, недалеку од лицитарското срце, седи, Стефан-Момче (25 г.) до него во инвалидска количка се наоѓа, Стефан-Старец (52 г.). Стефан-Момче е гол. Стефан-Старец е облечен во мантил и бел шешир на глава (пролог), кај него на коленици се наоѓа куферот, тој цврсто го стега; целиот е стуткан. Пред нив лежи рибарска мрежа. Крај срцето клечи Јанко. Огледалото на лицитарското срце се отвора како врата, низ вратата излегува Милка облечена како стриптиз танчерка. Милка почнува да игра и да се соблекува. Се воспоставува силен еротски набој меѓу Милка и Стефан-Момче. Јанко малоумно трча овде онде и ги собира деловите од облеката што ќе ги соблече Милка. Стефан-Старец воопшто не погледнува кон Милка. Стриптизот трае. Кога Милка ќе остане по гаќички, Стефан-Старец од куферот вади куп пари и не погледнувајќи кон неа ги фрла парите кон Милка. Стефан-Старец грубо го повлекува Стефан-Момчето со себе. СТЕФАН-СТАРЕЦ: Треба да ловиме риба! (Стефан-Момче, како во транс, станува од столчето, ја зема мрежата и ја става на грб, постојано гледа во Милка. Стефан-Старец го одвлечкува надвор од сцената. Во тој миг Милка запира со играњето и почнува силно да плаче. Јанко е збунет, во прегратка ги држи несмасно собраните делови од облеката на Милка; приоѓа кон неа, ѝ ја подава облеката со гестикулација - еве облечи се) ИКОНИ Сцена 6 Езерскиот брег. На јажето меѓу дрвјата се прострени младоженската и невестинската облека. На столчето крај облеката седи Трена, свири на тамбура и со нога ја лулка лулката. Во езерото, до коленици во вода, стои Милка и две жени, сите во рака држат икона на Св. Илија. Трите жени со вода ги мијат иконите. МИЛКА И ЖЕНИТЕ: Оваа вода ја пуштам за тебе месечино, за да му се види патот на мојот Стефан, (Ратко, Стојан). Свети Илија, донеси го преку вода жив! Оваа вода ја пуштам за тебе сонце, за да му се види патот на мојот Стефан (Ратко, Стојан). Свети Илија донеси го преку вода жив! Ова вода ја пуштам за тебе Свети Илија, за да му се види патот на мојот Стефан (Ратко, Стојан). Донеси го преку вода жив! (Од под вода, веднаш пред жените, изрипува Јанко, на врат има прекрасна ниска со охридски бисери. Двете жени, бегаат, излегуваат надвор од сцената. Јанко се смее малоумно, гледа во Милка и плеска со рацете) МИЛКА: Те мразам! (Трена станува од столчето, ја остава тамбурата и со брзи чекори згазува во вода и приоѓа кон Милка и Јанко. Јанко плеска со рацете) МИЛКА: Те мразам!!! (Милка замавнува да му удри шлаканица на Јанко. Во тој миг на Милка ѝ приоѓа Трена, веднаш ѝ шепнува на уво, и прави некакво волшебно движење со рака, во истиот миг Милка се заледува како кукла, раката ѝ запира непосредно пред образот на Јанко. Јанко е збунет, сака да избега. Трена исто така му шепнува нешто на уво и прави некакво волшебно движење со рака. Тој се заледува како кукла. Во понатамошното дејство Милка и Јанко се однесуваат како марионети, се движат како што ќе ги движи Трена, како да имаат невидливи конци со кои Трена ги движи. Милка, движена од Трена, ја враќа раката назад. Јанко, движен од Трена, ја откопчува ниската бисери до својот врат и ѝ ја става на вратот на Милка. Милка, движена од Трена, ја откопчува кошулата и сосема ги разголува градите. Јанко, движен од Трена, ги пружа рацете кон Милка и нежно ја допира по гради. Јанко, воден од Трена со сè поголем интензитет ги милува градите на Милка. Кога набојот ќе достигне максимум тие се освестуваат, нагло се тргаат еден од друг, се гледаат за миг како да се обидуваат да сфатат што се случува, наредниот миг бегаат на две различни страни. Во текот на дејството Трена раскажува) ТРЕНА: Години, многу... Едно утро клекна крај водата за да си ги избистри очите, да можат да видат... И виде, се виде себе си како Јуда; Јуда Охридска. Наместо очите дупки зелен песок, без заби, лицето како да се гризела со див пес, низ белата коса стотици птици езерски свиле гнездо крастави лушпи наместо кожа, а снагата гроб за болни стари жаби. Виде... Нема да се врати! Допрена немилувана, бакната небакнувана, бесплодна гладна утроба. Нема да се врати! Зачекори под вода, зачекори кон него, цар каде царува, каде дума дума неверна... Нема да се врати! МИЛКА: (Кога ќе се раскине магијата, мигот пред да избега) Курва!!! ЧЕСТ Сцена 7 Езерски брег. На брегот се наоѓаат само младоженската и невестинската облека прострени на јажето. Облеките се однесуваат како живи, зборуваат и гестикулираат, како внатре да има луѓе. ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: Земи ме! ОБЛЕКАТА НА СТЕФАН: Сакам да бидеш невина. ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: Жена сум ти. Земи ме! ОБЛЕКАТА НА СТЕФАН: Остани невина. ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: Не сакаш да ме земеш? ОБЛЕКАТА НА СТЕФАН: Горам. Чинам ќе изгори сè, постелата, куќата, градот... Сепак не! ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: Подари ми дете, да те чекаме заедно. ОБЛЕКАТА НА СТЕФАН: Сакам детето да биде мое! ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: А чие? ОБЛЕКАТА НА СТЕФАН: Сечие. ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: Се заколнав пред бога. ОБЛЕКАТА НА СТЕФАН: И мајка ми се беше заколнала пред бога, но... Татко ми умре мислејќи дека сум негов, а бев сечиј. Мајка ми длабоко во душата го беше закопала тој грев, никој не се посомневал... Мене ми се исповеда миг пред да умре... Не можам да кажам дека ѝ простив. ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: Мојата чест сега е твоја, земи ја кога сакаш. Ќе те чекам чесна. ОБЛЕКАТА НА СТЕФАН: Срце лицитарско ќе пратам неколку дена пред да тргнам дома, кога ќе го добиеш, ако си чесна, чекај ме со радост, пред нозе ќе ти истурам пари, злато, фустани и свили, сè око што видело и невидело... А ако си расипана, не ме чекај, срцето скрши го и остави го на нашиот брег, а ти каменот околу вратот и во вода. Расипана ако си, а ме чекаш, нема да ти простам; на шугаво магаре наопаку јавната ќе те пуштам низ градот, во рацете ќе ти ставам кочан од зелка; магарето ќе го води улавиот Јанко, најмалиот на Митревци, или ако дотогаш се роди некое поулаво, тоа; ќе се збере градот и ќе фрлаат по тебе со плунки и камења. ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: Ги знам обичаите... ОБЛЕКАТА НА СТЕФАН: Да не мислиш дека се заборавени. ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: Твоја сум Стефан. Твоја жена! Те молам не зборувај ми така; зазорува... гушни ме Стефан! (Облеките се гушкаат. Пауза) ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: (Пее) ... Како ќе минеш, лудо езеро езеро, лудо, Елешник ако дува?! Како ќе минеш, лудо, Галичица Галичица, лудо, пуна аранути?! Како ќе минеш, лудо, Черкези? Черкез село, лудо, пуно Черкези? Како ќе стасаш лудо, лудо, Америка Америка, лудо, земја колнета?!... (Пауза) Се плашам? ОБЛЕКАТА НА СТЕФАН: Од што? ОБЛЕКАТА НА МИЛКА: Од времето што врви... ЛИФТ Сцена 8 Рударскиот лифт. Лифтот се движи нагоре, од под земја. Во лифтот се наоѓа Стефан-Старец (40 г.) без живот, во распад, без желба и надеж; Трена-Курва (30 г.) - евтина курва; истрошена. Стефан-Старец е облечен во рударско. Во лифтот стои куферот; на куферот стои транзисторот (Пролог.), од транзисторот се слуша кантри музика; крај транзисторот на куферот стои белиот шешир. Стефан-Старец и Трена-Курва штотуку завршиле со водење љубов; се спаструваат. Стефан го става белиот шешир на глава, пали цигара. СТЕФАН: Дали жена ми е сè уште невина? (Трена-Курва му удира силна шлаканица) ЈАБОЛКА И ЦРВИ Сцена 9 Езерскиот брег. На јажето меѓу дрвјата висат свадбарските облеки. Крај едното дрво стои Милка, крај неа стои кош со јаболка, Милка со нож сече парчиња конец од големото клопче црвена волница, со волницата ги врзува петелките на јаболката и истите ги врзува на гранките од дрвото. Се слуша звук на тамбура. Милка се стресува. На сцената се појавува Трена со тамбура. ТРЕНА: Некаде богато родило. (Милка ги остава јаболката, оди кон лулката, од лулката ја вади куклата Јуда, оди кон Трена, и ѝ ја подава куклата - Јуда) МИЛКА: Земи ја и оди си! (Трена се однесува, го имитира (глуми) Стефан) ТРЕНА-СТЕФАН: (Го имитира Стефан) Ова дрво го засадил дедо ми кога се родил татко ми, а татко ми го засадил другото кога сум се родил јас. Како мал правев колиба меѓу дрвјата. Кога ќе созрееа, гранките натежнуваа и го бакнуваа песокот, од моето дрво никогаш не носеа на пазар, не дозволував, знаев со недели да јадам само јаболки. Во животот немам пробано нешто друго послатко; јаболкото на Ева ако фрлило семки тогаш сигурно од тие семки се нашите јаболки... Моите јаболки. Дента кога заминавме, бевме, би рекол веќе среде езеро а сè уште ги гледав како црвенеат; испружив рака да наберам... МИЛКА: Идната година не родија... Останаа суви. ТРЕНА: И, ти... МИЛКА: (Како да се брани) Ќе дојдеш и ќе имаме дете. ТРЕНА: Кого чекаш? Кому се надеваш?! Гледам го готвиш невестинското вело, младоженец чекаш... Тој ќе се врати, но тој кого го чекаш не е на пат. Кого чекаш? Се сеќаваш ли на човекот кој замина? Што ти е тој тебе? Маж?! Те имал? Имате дете? Си му зготвила ручек? Те тепал пијан? Ти плачел во скут Елешник кога дува? Кој е тој? Клучар на зандана. Закатанчил жешко месо во студена кожа и заминал со крст на чело, месото да изгори, решетките да ’рѓосуваат. Готви црни шамии. Тој ќе се врати, но тој кого го чекаше не е на пат. Искра ти видов во мртвото око; Јанко; подај му се, стани жена пред да умреш... Човекот што доаѓа носи земја за твојот гроб. Стани жена! Инаку во земја ќе се свиеш како мома-старица; црно вело, бела шамија... МИЛКА: Курва. ТРЕНА: Курва сум. Од месото што се потекло во мене, мост би се изградил од тука до брегот што не се гледа. Курва сум, а Бог ми е сведок колку е голема мојата чест; како Галичица. Во селото дојдоа стројници, од далеку, од Америка, одеа од куќа на куќа и гледаа моми за мажење, дојдоа и кај нас, останаа цела ноќ, не знаев што се случува. Утредента мајка ми го стокми чеизот, ме благослови и ми рече дека сум армасана. Во селото велеа: ксметлика, спиела со босилок под перница. Ксмет; ксмет никогаш да не видат. На бродот еден морнар со црна кожа се обиде да ме обесчести, го турнав во вода... Зошто?! Ме одведоа при мажот. Маж, на ѓавол побратим, куц и грд, бил рудар, нешто експлодирало и тоа нешто му ја земало и снагата и машкоста; станал кафанџија, душата му мирисаше на гарта од експлозијата, очите зелени како долари, под ноктите туѓа крв... Се затворија во собата и викаа; по долго време дојде кај мене, ми рече дека ми е маж но дека нема да плати за мене па дека треба да одам со стројниците и дека ми наредува да бидам покорна. Стројниците ме имаа три дена и три ноќе, ме имаа секаде, и Бог кај дал и ѓавол кај дал и таму кај што не дава ни Бог ни ѓаволот. Мажот ми ме продаваше за пари. Сакав да избегам. Сакав да се убијам. Ме казнуваше така што ми пикаше врело масло. Сакав да умрам, но тоа пустото не сака кога ти сакаш... Почна да доаѓа кај мене едно младо Турче, не беше рудар, куклите се негови, одеше од место на место и прикажуваше за некои свои таги; измисли песна за нас, тој свиреше, а јас пеев, мажот ми го мразеше, но сепак ги сакаше неговите пари, велеше дека ме љуби и ме љубеше, велеше дека постои еден малецок рај создаден од Бога само за оние кои знаеле да љубат. Тој ми помогна да избегам, ми ја даде облеката, куклите, тамбурата, кучето, а тој остана да лежи место мене... Го убил. Куче! Бегав! Од место на место прикажував за моите таги; се љубеле Елешник и Јуда Охридска... Насекаде ја чувствував неговата реа, ми студеше од неговата сенка... Сакав да се вратам дома, но парите не стасуваа. Ме собра една старица да ѝ ги забавувам внуките за роденден, таму останав три месеци, морав да се лижам со бабата и со внуките; тие ми купија авионска карта. МИЛКА: Си лежела со Стефан? ТРЕНА: Таму тоа е како јадење грав, како пиење студена вода, секој секого, секој секому. МИЛКА: А Стефан? ТРЕНА: Таа земја е изградена врз туѓи гробови. Проклета е! Гар души и очи зелени како долари. МИЛКА: А Стефан? ТРЕНА: Кој е Стефан!? Го познаваш ли?! Те молам како жена жена, земи го Јанко, подај му се, тој е како оваа наша земја, можеби без мозок, можеби за подбив, да се мајтапиш, но душата му е длабока како езерото, снага има планина да префрли со планина, и знае да сака; за него има место во малиот рај; те сака, сакај го! МИЛКА: Оди си! ТРЕНА: Спремај црни шамии... МИЛКА: Срцето, зошто е скршено? ТРЕНА: Биди неверна! СОНОТ НА МИЛКА Сцена 10 Рибарите чекаат да зазори за да ловат пастрмки. Лицитарското срце. Врз огледалото на лицитарското срце кое лежи полегнато на под се наоѓа рибарски чун; во чунот се наоѓаат Стефан-Момче (25 г.) и Стефан-Старец (52 г.) Стефан-Момче гол, а Стефан-Старец во инвалидска количка облечен во мантил и рударска униформа, бел шешир; куферот е крај него. Стефан-Момче и Стефан-Старец влечат рибарска мрежа; ловат риби. Како се доближува уловот т.е. мрежата, сè посилно се слуша гласот на Милка; пее; како гласот да допира од езерските длабочини. ГЛАСОТ НА МИЛКА: (Пее) ... Како ќе минеш, лудо, езеро езеро, лудо, Елешник ако дува?! Како ќе минеш,лудо, Галичица Галичица, лудо, пуна арнаути?! Како ќе минеш, лудо, Черкези? Черкез село, лудо, пуно Черкези?! Како ќе стасаш лудо, лудо, Америка Америка, лудо, земја колнета?! (Во мрежата се наоѓа Милка, гола е, косата ѝ е огромна и бела, заплеткана меѓу мрежата; косата е како кај Јуда Охридски (куклата) Ја извлекуваат во чунот. Таа се однесува како риба; се гуши) СТЕФАН-СТАРЕЦ: Што ќе ѝ правиме? МИЛКА: (Гушејќи се; зборува тешко) Купи шугаво магаре, врзи ме наопаку да го јавам, во раце стави ми кочан од зелка, магарето нека го води улавиот Јанко, нека ме однесе среде град, ќе се собере сè што може да оди, ќе фрлаат по мене со плунки и со камења... СТЕФАН-МОМЧЕ: Ќе ја носиме на пазар. (Стефан-Момче ги зема веслата и почнува да весла; силно) МИЛКА: Купи шугаво магаре, врзи ме наопаку да го јавам, во раце стави ми кочан од зелка... (Стефан-Старец го вади транзисторот и го вклучува; кантри музика; звукот на музиката сосема го надјачува гласот на Милка, се гледа само како ги отвора усните; како риба на суво) ДЕН ПРЕД ДОАЃАЊЕТО НА СТЕФАН Сцена 11 Зазорува. Рибарите се на езеро; ловат пастрмки. Меѓу двете дрвја, на јажето виси невестинската облека на Милка. Крај дрвјата стои Јанко облечен во младоженската облека на Стефан, во раката го држи лицитарското срце со скршено огледало и се огледува во него; кон публиката е свртен со грб. На сцената влегува Милка, го здогледува Јанко, се стрчува кон него мислејќи дека е Стефан. МИЛКА: (Возбудено) Стефан! (Јанко се врти кон неа, широко се насмевнува. Милка во прв миг се сепнува, а потоа веднаш збеснува. Станува хистерична, го влече, го удира, го соблекува. Јанко е збунет. Милка му удира неколку шлаканици. При еден обид за шлаканица Јанко цврсто ѝ ја зграпчува раката. Од тој миг Јанко целосно се менува; станува збеснат мажјак кој совршено знае што прави. Милка е збунета, исплашена, се обидува да се оттргне од Јанко. Почнува да дува Елешник. Јанко ја тргнува Милка на земја, ѝ ја раскинува облеката легнува врз неа. Милка безуспешно се брани, постепено се препушта на страста; целосно му се подава. Водат љубов. Завршуваат. Јанко се трга од Милка, лежи. По извесно време Милка станува, оди кон ковчегот, од ковчегот го вади ножот; приоѓа кон Јанко. Тој збунет се повлекува наназад. Таа клекнува крај него) МИЛКА: Бакни ме. (Се бакнуваат) МИЛКА: Земи го. (Милка му го става ножот во раце. Јанко збунето го зема) МИЛКА: Уби се. (Јанко го испушта ножот и исплашено се повлекува. Милка го зема ножот, му приоѓа, му го става ножот во раце, му ги држи рацете со ножот) МИЛКА: Уби се! (Елешник максимално засилува. Ножот се приближува кон телото на Јанко под притисок на Милка. Се прободува. Јанко умира. Милка е како во лудило, хистерично ја соблекува облеката на Јанко, ја носи до езерото и ја пере од крв. Силен дожд) ЛИФТ Сцена 12 Рударскиот лифт. Лифтот се движи од под земја нагоре. Во лифтот се наоѓа Стефан-Старец (50 г.); во инвалидска количка; облечен е во болничка пижама. На главата му се наоѓа белиот шешир, нозете му се покриени со мантилот, во џебот од пижамата му стои транзисторот; целиот е со повреди, во завои. Зад количката стои Медицинска сестра - Дебела црнкиња) МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА: Не ве осигурале, па ќе морате да платите сами. Шипки во двете нозе, сто долари. Санација на изгоретини од втор степен на четириесет проценти од кожата сосе пластична операција, двеста деведесет долари. Три дена шок соба и петнаесет дена болничко лекување, сто педесет долари... СТЕФАН-СТАРЕЦ: (Ја прекинува) Имате ли деца? МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА: Мислам пет. СТЕФАН-СТАРЕЦ: Божји дар... МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА: На ѓавол брбушки! Татко им не плаќа алиментација, навлечен е на крек; а тие јадат како жолти мравки... СТЕФАН: Вие сте среќна жена. МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА: Би била посреќна со пет милиони долари, а без деца. СТЕФАН: Може ли да ги видам? Барем едно. Да го водам во Дизниленд или да јадеме хамбургер. Знаете, докторот ми рече дека нема да можам... Ќе немам деца. Ме боли, многу работи ме болат, многу имам згрешено во животот. Ве молам, тоа ќе биде половина час рај за мене. МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА: Едно, дваесет долари, сите пет, седумдесет. Дизниленд и хамбургерот оди на ваша сметка. СТЕФАН: Молам? Ги продаваш?! МЕДИЦИНСКАТА СЕСТРА: Вие мажите сè сакате џабе. Е па кај мене веќе нема ништо џабе. Впрочем шетај си свои деца! СТЕФАН: Колку бараш за сите? Седумдесет? КУКЛИ И ЛУЃЕ Сцена 13 Голема сцена за кукли во елизабетански стил; сцена истоветна со малата куклена сцена на Трена. Оваа сцена ја претставува таа сцена. На сцената се наоѓаат Милка (Истоветна по изглед и облека со куклата Јуда Охридска), и Стефан-Момче (Истоветен по изглед и облека на куклата Елешник). Тие ги претставуваат куклите, а не ликовите. Милка и Стефан-Момче играат како да се кукли, марионети. Целото дејство, начинот на игра, е со патос, нагласена наивна гестикулација; како куклени претстави што се изведувале на панаѓури. За цело време се слуша звук на тамбурата на Трена. Куклите ги води Трена) ГЛАС НАТРЕНА (ОФФ): Девојката, сега Јуда Охридска, одеше по езерската вода и си велеше: (Милка-Јуда се придвижува; се анимира) МИЛКА-ЈУДА: Нема да се врати! Нема да се врати! Нема да се врати! ГЛАС НА ТРЕНА (ОФФ): Среде езеро ја пресретна ветерот; ја ослови: (Стефан-Елешник се придвижува, се анимира) СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Каде убаво убавице?! МИЛКА-ЈУДА: Ветре! На година одеше и дума думаше. Од љубов болуваш, мене во љубов ме сонуваш! Погледни ме и продумај: ме љубиш ли или ме мамиш?! СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Те љубам девојко! МИЛКА-ЈУДА: Ветре, гледај! Наместо очи дупки зелен песок имам, живо голтаат! Ме љубиш ли ветре?! СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Во мене се скриени очите, извори езеро што појат, вода студена да пиеш за вода да жеднееш. Те љубам девојко! МИЛКА-ЈУДА: Ветре, гледај! Таму кај што румени усни бисери љубеше сега јама зјае, од срам песна да не можам да речам. Ме љубиш ли ветре?! СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Усни румени врз усните мои сонувам; песни, со бисер дробен в китка накитени, саноќ во уши ми ѕунат. Те љубам девојко! МИЛКА - ЈУДА: Ветре, гледај! Ова лице на див човек е лика што од глутница волци храна крадел. Ме љубиш ли ветре?! СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Белило носам од Дамаск, лице да белиш, со сонце, опул да чиниш. Те љубам девојко! МИЛКА-ЈУДА: Ветре, гледај! Ова не се алги отровни, ова косата моја на рибите гроб им чини. Ме љубиш ли ветре?! СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Дарувај ме со еден прамен, сакам на срцето гнездо да му свијам. Те љубам девојко! МИЛКА-ЈУДА: Ветре, гледај! Јас девојка веќе не сум, јас Јуда сум Јуда Охридска! Ме љубиш ли ветре?! СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Те љубам девојко! ТРЕНА (ОФФ): Помнат старите и шепотат крај огниште; Тоа утро езерото вриеше, а водата можеше со нож да се сече, како царска постела сочинета од пердуви на гуски, што во делници мрсно јаделе. Елешник и Јуда Охридска водат љубов! МИЛКА-ЈУДА: Што опул е ова ветре, љубов моја! Брод од злато, од секоја страна тристо златни весла, до секое весло јунак од мајка врв планински и од татко орел небески, на бродот мајка од бога ксметлика со седум машки деца, и татко ксметлија, на глава круна, чиниш сонцето седнало та блеснало. Што е тоа ветре? Што ксмет тоа ќе беше? СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Тој ксмет е твој ксмет; тебе ксмет што ти зедоа. Таа жена твои деца мајка ја викаат, тие деца ти требаше да ги родиш, ти да им се радуваш, тебе ксметлика да те ословат. Тој човек маж твој е, тој што те остави да го чекаш, тој што нема да се врати, тој кантар што зеде и љубов со злато што мереше, златото кај што натежна. МИЛКА-ЈУДА: Ветре, жена твоја сакам да станам, но мираз немам, ти се молам да ме даруваш, ако ми дадеш што ќе ти побарам, збор врзувам, твоја ќе бидам. СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Сонце дар да бараш, со сонце ќе те дарувам! МИЛКА-ЈУДА: Дарувај ме со дожд најлут, куршум небесен. Дарувај ме со најтешка магла, за дроб што се лепи, дробот што го јаде. Дарувај ме со алчни бранови; од брегови куќи камени што крадат. Дарувај ме со остра секавица, планина што претрупува. Дарувај ме, за да можам и јас да дарувам! Да си го дарувам мажот ми, децата да си ги дарувам, и жената да си ја дарувам ксметот што ми го зема. Тие ќе умрат, а тој жив ќе се сеќава, ќе умира и ќе се раѓа... ТРЕНА (ОФФ): Помнат старите и шепотат крај огниште: Таа вечер езерото вриеше, а водата беше крв. Елешник и Јуда Охридска свадба чинат, сватовите на оро се збираат: Маглишта друшки момински, порој дождови на ветерот побратими, град и секавици - зурли и тапани. На трпеза гозба голема. Шестотини јунаци од мајка врв планински и од татко орел небески, мајка ксметлика и со неа ксметот нејзин, нејзините седум машки деца. СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Од тој ден станав зло. (Се појавува Стефан-Старец како кукла Крал Скендерски) КРАЛ СКЕНДЕРСКИ: Мене ме остави да живеам, кантар во рака да држам и во кантар љубов со злато да мерам. Везден злато студено да милувам, со злато бакнежи да делам и да се сеќавам... Ќе умрам и ќе се раѓам... МИЛКА-ЈУДА И СТЕФАН-ЕЛЕШНИК: Од тоа доба ако некој по езеро од печалба дома врви, а во куферот понади носи, понади думи неверни, понади за очи верни во бога верба што имаат и со верба чекаат, тој невера нема веќе да продума и жив брегот нема да го допре. Елешник и Јуда Охридска свадба чинат, сватовите на оро се збираат. (Куклите се фаќаат за раце и се поклонуваат. Аплауз) ЛИФТ Сцена 14 Рударски лифт, лифтот се движи од под земја нагоре. Во лифтот се наоѓа лицитарското срце со скршено огледало. Во лифтот влегува Стефан-Старец (52 г.), во инвалидска количка облечен во рударско, мантил, белиот шешир, куферот му се наоѓа во скутот. Се движи брзо и претпазливо, одминува, го забележува лицитарското срце кое лежи на под, се враќа малку назад, го зема срцето, го гледа. Во тој миг лифтот ненадејно се стресува и запира, се исклучува главното светло, се вклучува алармот и помошното светло кое трепка. Стефан-Старец гледа околу себе. СТЕФАН-СТАРЕЦ: Си одиш дома?! СТЕФАН-МОМЧЕ (ОФФ): Пак ти?! СТЕФАН-СТАРЕЦ: Си одиш дома?! СТЕФАН-МОМЧЕ (ОФФ): Покажи се! Кој си?! СТЕФАН-СТАРЕЦ: Си одиш дома?! СТЕФАН-МОМЧЕ (ОФФ): Да! Си одам! Си одам идниот месец! СТЕФАН-СТАРЕЦ: Си одиш?! СТЕФАН-МОМЧЕ (ОФФ): Си одам!!! СТЕФАН-СТАРЕЦ: (Извештачено, лигаво, брзо) Си одиш дома... Си одиш дома... Си одиш дома... СТЕФАН-МОМЧЕ (ОФФ): Лицето!!! Да ти го видам лицето!!! СТЕФАН-СТАРЕЦ: Си одиш... (Во лифтот влегува Куси, се движи со штака, поминува крај Стефан-Старец како да не го гледа. Стефан-Старец го подава срцето кон Куси) СТЕФАН-СТАРЕЦ: Ова е ваше... (Куси се свртува кон Стефан-Старец) КУСИ: Си одиш дома?! СТЕФАН-СТАРЕЦ: Скршено е... ДЕН КОГА ДОЈДЕ СТЕФАН Сцена 15 Зајдисонце. Брегот меѓу двете јаболкници, на јажето е прострена младоженската облека. Милка, облечена во невестинско, седи на столчето и гледа кон езерото. Чека. Во рацете држи лицитирано срце со скршено огледало. Се слуша тресок, метален звук на лифт во движење; звукот расте (лифтот се доближува) Милка седи мирно, гледа, чека. Земјата се отвора, од земјата излегува железниот рударски лифт. Во лифтот се наоѓа Стефан-Старец (52 г.) во инвалидска количка, облечен во рударско, мантил, бел шешир, куферот му е на скут, транзисторот во џеб. Во рака држи лицитарско срце со скршено огледало. Милка не се свртува. Гледа кон езерото. СТЕФАН-СТАРЕЦ: Се вратив. (Милка не се врти) МИЛКА: Срцето, скршено е... (Пауза) СТЕФАН-СТАРЕЦ: Ајде да си одиме дома. МИЛКА: Оди. СТЕФАН-СТАРЕЦ: Ајде да си одиме дома. МИЛКА: Оди. СТЕФАН-СТАРЕЦ: А ти? МИЛКА: Чекам. СТЕФАН-СТАРЕЦ: Кого? МИЛКА: Стефан... (Транзисторот во џебот на Стефан се вклучува сам од себе, кантри музика Стефан-Старец го вади транзисторот од џеб и се обидува да го исклучи. Транзисторот не може да се исклучи) КРАЈ 1